ЛИБЕРАЛНА ДОКТРИНА за КОНСОЛИДИРАНА МАКЕДОНИЈА

4 Ivon Velichkovski FBПочитуван/а,

Многумина ќе речат дека овие избори се значајни, пресудни, историски… за државата. Секако, секои избори се битни за државата.

Но за промена, сакаме овие избори и нивните резултати да бидат битни и корисни за секој од Вас, поединец, граѓанин, член на заедницата во која живееме, бидејќи државата постои за граѓанинот, а не обратно.

Изминатиов период слушнавме и видовме многу работи што ни ја потврдија болната вистина – дека партиите не ги развиваа институциите, туку напротив, беа посветени на тоа како да ги искористат привилегиите за себе и своите блиски кругови. Можеби забележавте дека Либералната партија не е вклучена во ниту една афера во изминатите десет години.

Можеби во тој период не сте се согласувале со некои наши политички ставови и одлуки, но горди сме што во Македонија има една Либерална партија и таа никогаш не била извор на криминал и корупција.

Затоа, потребно е да си го поставиме прашањето: Ако по 25 години неспокојна држава може нешто да направиме, зошто тоа да н биде на подобро? Со платформа што од реформистите во 1990 до денес, никогаш не создавала поделби, туку нудела политика на финансиски стабилни и слободни граѓани и семејства во компактна заедница – општество и држава?

Звучи „романтично“ и идеалистички? Можеби. Но, знаете дека е правилно.

Ако сте согласен/согласна дека нема потреба да браниме ниту свои ниту туѓи грешки и дека не ни требаат „вистини“ на една или друга партија, туку вистината каква што е, Ви ја ставаме на располагање либералната понуда на решенија и постапки во кои проблемите се нарекуваат со вистинско име и нема ветување чуда и еуфорија, туку реална надеж, обврски и цели.

Притоа, не криеме: во првите две години ќе треба да донесуваме тешки одлуки, но ќе го постигнеме потребниот нов почеток. Пресвртот кон подобро мора да биде видлив веќе во 2018.

Почитуван/а,

Свесни сме за ризиците, но ги знаеме и придобивките од отворениот пристап. Досегашното искуство ни покажува дека никој нема право на комоција некој друг да решава во наше име. 

Оттука, на 11 декември бараме поддршка врз основа на понуда за дел од проблемите, односно недостатоците со кои се соочуваме во секојдневниот живот, во економијата, во општеството.

Тука пред се доминира недостатокот на систем, на владеење на правото, и воопшто – недостатокот на средена држава поради воспоставениот партиски поредок.

А без средена држава, нема економија. Без економија, пак, нема простор ниту за работоспособните граѓани, ниту за младите без оглед на нивното образование.

Така, идентификуваме три основни теми, три приоритетни области за одговорна политика за нашата земја: Економијата на прво место, Организирана држава и Образование и млади.

Почитуван/а,

Доблесно признаваме дека не може да ги решиме сите проблеми, но гарантираме за квалитетот на решенијата што ги застапуваме за клучните проблеми што ги идентификуваме.

Во следните страни ги претставуваме решенијата за она што сметаме дека е возможно и ги ставаме на располагање нашите кандидати, знаења и кадри.

Притоа, настапувајќи надвор од познатите коалиции, јавно декларираме дека улогата на Либералната партија по изборите ќе биде создавање влада со нов премиер и владин тим потребен за Консолидирана Македонија, влада создадена на база на транспарентни принципи, цели и мерки, без уцени и теснопартиски интереси во нејзиното формирање и функционирање.

Затоа настапуваме самостојно, без профитирање на туѓ грб и „шлепување“, без „преземање“ гласачи и подривање други партии, програми и коалиции.

Тоа го најавивме уште кога во 2013 ја донесовме Доктрината „Пресврт 2018“ и кога ги претставивме либералните политики во 2015 – денес адаптирани и преточени во единствена Либералната Платформа за консолидирана Македонија.

Во следниот текст, затоа, нема да бидите класичен политички памфлет, туку опфат на клучните точки на кои мора да се посветиме во следните 700 дена.

Доколку сте подготвен/а на еден ваков, нов пристап и почеток, да застанеме заедно и од 11 декември, со вистински идеи, решенија и одлуки – да си ја средиме државата, да ја консолидираме Македонија.

И за нас, и за нашите деца и внуци.

Срдечно,

Ивон Величковски, претседател на ЛП

Либерална Доктрина за Консолидирана Македонија