Историја

Либералната партија на Македонија (ЛП) е една од најстарите политички партии во земјата, основана на Собрание на 5 октомври 1990 во Скопје, кога одборите на Реформските сили се здружија со МДС. За прв претседател на СРСМ е избран Стојан Андов, а за прв потпретседател – Ристо Иванов

1990-96 ЛП е во Владата со СДСМ, СПМ и ПДП, која се справуваше со предизвиците на осамостојувањето на државата, а ја напушти поради несогласувањата околу моделот и начинот на приватизацијата. За да ја заврсти центристичката опција, ЛП во 1997 се спои со поранешната ДП, но откако новата партија покажа дека не ја исполнува својата цел, ЛП беше обновена и на Петтото собрание во 1999, Ристо Гуштеров беше избран за претседател на ЛП, а Седмото собрание (2001) за претседател повторно го избра Стојан Андов.

Во период 1999-2008 ЛП застапуваше политики на десниот центар и до 2002 беше во Владата со ВМРО-ДПМНЕ и ДПА, која се соочи со конфликтот и регионалните турбуленции од почетокот на минатата деценија.

Разликите по политиката на Владата за македонските ЕУ и НАТО интеграции (2006-08) придонесоа ЛП да ја напушти коалицијата, а прекинувањето на долготрајната коалиција се одрази на севкупниот персонален и политички имиџ на ЛП, но го овозможи трасирањето на навестените политики на ЛП. Деветтиот Конгрес во 2008, за претседател го избра Борче Стојановски.

 

Од Десеттиот Конгрес во 2011, претседател на ЛП е Ивон Величковски и партијата застапува социјал-либерална платформа, односно политика на реформски либерализам.

Во овие две децении ЛП имаше вкупно 61 пратеници, 12 министри, три потпретседатели на Влада, а четири членови на ЛП ја претставуваа државата во странство како нејзини амбасадори.

Се сеќаваме и им благодариме и на сите наши основачи и членови кои со ентузијазам и убеденост во вредностите на либерализмот го вградија својот живот во борбата за принципите што ги следеа, а веќе не се меѓу нас. Притоа, особено ги споменуваме: Христо Кошка, Гаврило Гаврилски, Стево Јанковски, Михаило Зориќ, Иван Иванов, Џемаил Максут, Тодосие Паунов, Јусуф Војника, Владимир Павловски, Стево Црвенковски, Никола Тушев, Божидар Крстески, Јован Тофовски…